
Улогата на коучингот во личниот развој и изградбата на кариерата
окт 2025.
Велат дека секој во својата кариера порано или подоцна доаѓа до некаква раскрсница – пат без јасни насоки. Не си повеќе на почетокот, но не си ниту „стигнал“. Работиш, се трудиш, вложуваш сè од себе, но сепак чувствуваш дека нешто не оди. Како да си долго возел по ист пат, па одеднаш си застанал пред раскрсница без знаци, и сега стоиш. Гледаш, и се прашуваш — каде сега?
Кога се навратам на својата кариера долга повеќе од 25 години, имало многу такви моменти. Многу раскрсници без насоки. Понекогаш стоев и чекав работите сами да се разјаснат. Понекогаш се обидував да се вратам по стариот пат, бидејќи ми беше познат. А понекогаш само стоев и гледав во празно, без идеја. Во литературата за тие моменти често се споменува „Питеровиот принцип“, теорија која вели дека луѓето во организациите напредуваат до нивото на својата некомпетентност. Но реалноста може да биде поинаква. Не станува секогаш збор за неспособност. Никој не нè научил што да правиме кога ќе стигнеме до место каде не се бара повеќе работа, туку повеќе увид. Кога проблемот не е во знаењето, туку во перспективата. Токму тука се отвора просторот за коучинг.
Да расчистиме нешто веднаш! Коучингот не е „туркање“ кон успех, ниту „тренер за живот“, ниту некој што ти зборува мотивациони фрази со утринското кафе. Коучингот не е „поправање“ или „паметување“. Не е нешто резервирано само за „оние на врвот“. Коучингот е, всушност, простор. Место каде што некој внимателно слуша, поставува прашања што никогаш не си си ги поставил и ти го држи огледалото во кое не гледаш недостаток, туку можност.
Потребата за коучинг се појавува кога ќе сфатиш дека си заглавен помеѓу потенцијалот што го чувствуваш во себе и реалноста во која секојдневно се чувствуваш малку заробено.
Луѓето често доаѓаат на коучинг мислејќи дека ќе добијат совет. Дека некој ќе им каже: „Направи го ова, оди таму, остави го она.“ Но, всушност, коучингот е момент кога конечно некој не знае подобро од тебе, туку ти помага да се запознаеш себеси. Ако коучот ти дава совети, голема е веројатноста дека тоа не е вистински коучинг.
Коучот е некој што знае да постави вистинско прашање во вистинскиот момент. Некој што ти помага да го слушнеш својот внатрешен глас низ бучавата на сè што другите очекуваат од тебе. Да видиш каде си, што сакаш, и што моментално ти стои на патот — однадвор или однатре. Во пракса, коучингот често започнува токму во моментот кога ти е преку глава од „имаш супер работа, што ти фали“, кога внатрешно чувствуваш дека не си на своето место, а не знаеш како да го објасниш тоа. Кога си „функционален“, но несреќен. Кога те повеќе не радува она што до вчера имало смисла.
Тоа не е пад — тоа е сигнал. Повик за развој на нови перспективи и увиди.
Како коуч, тренер и консултант кој со години работи со луѓе во различни фази од нивната кариера, верувам дека ниту еден внатрешен немир не се појавува без причина. Ако нешто не ти дава мир, ако имаш чувство дека „нешто се менува“, иако надворешно сè изгледа исто, важно е тоа да не го игнорираш. Не мораш да ги знаеш сите одговори. Не мораш сам. И не е срамота да кажеш: „Не знам кој е мојот следен чекор.“ Понекогаш најздравата работа што можеш да ја направиш е да застанеш, да се освртиш и да кажеш: „Време е малку подобро да се запознаам себеси, тука каде што сум, со тоа што сум.“
И кога ќе го направиш тоа — веќе си тргнал понатаму. Без мапа можеби, но првпат навистина во насока што самиот си ја избрал.
Автор: Нада Никлановиќ
Стручњак за развој на организации и човечки ресурси | Сертифициран коуч | Тренер | Консултант